ВМРО-ДПМНЕ: АРМ треба да се модернизира, но набавка од 250 милиони евра пред избори не смее да има

Во време на избори, власта треба да ја стопира планираната набавка на транспортни хеликоптери, бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ, коментирајќи ја одлуката за купување осум хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“, во вредност од 250 милиони евра, која ја донесе Владата на последната седница минатата недела.

Додека власта излегува со уверување во исправноста на одлука за набавката на хеликоптерите потребни за модернизација на Армијата, од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека, на неколку недели пред избори, во период на техничка влада, недозволиво е СДСМ и ДУИ да вршат избор на тендер тежок 250 милиони евра и оценуваат дека идната влада треба да одлучува за тоа.

– Наместо борбени хеликоптери, власта набавува транспортни, со што не ја зголемува борбената готовност на АРМ. Дополнително, никој не знае како е избрана фирмата „Леонардо“ и зошто не се избрани другите компании, меѓу кои американска компанија или германско-француски конзорциум. Како е извршен изборот и кој ја донел одлуката што, всушност, да се набави? Наместо трошење 250 милиони евра пред избори, да се стопира набавката и идната влада да одлучува за неа, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Овластена за набавката на транспортни хеликоптери е министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која треба да го потпише аранжманот помеѓу Министерството за одбрана на Македонија и Министерството за одбрана на Италија, за соработка на полето на воената хеликоптерска авијација.

Претходна вестКовачевски: Во наредните четири години СДСМ ќе обезбеди членство во ЕУ
Следна вестГалењето со куче води кон помал стрес и поголема концентрација кај човекот