Велковски: 2.252 лица незаконски примале социјална помош и пензија

Вкупно 2.252 лица незаконски примале социјална помош и пензија повеќе од година дена, соопшти денеска министерот за труд и социјала во техничкана влада Ѓоко Велковски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. На прес-конференцијата тој објасни дека овие граѓани не смееле да примат вакви исплати. Забележана е и ретроактивна исплата на средства за повеќе месеци наназад, што отвори сомнеж во институциите под надлежност на Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

-Станува збор за злоупотреба на системот за социјална заштита и незаконско и против правно исплаќање на средства за гарантирана минимална помош, народски позната како социјална парична помош и социјална пензија на лица кои не исполнуваат законски услови да ја примаат. Манипулацијата е системска и во неа веројатно биле вклучени повеќе лица, за што е започнат и вонреден инспекциски надзор, со цел да се откријат сторителите, рече Велковски.

Тој објасни дека се работи за корисници кои примиле гарантирана минимална помош и социјална пензија и пријавиле дека не поседуваат возило. Но, според евиденцијата на Министерството за внатрешни работи тие се сопственици на такво превозно средство.

-Месечната штета е 18 милиона денари. Годишно над 200 милиона денари. За сите над 2. 200 корисници, изјави Велковски.

Тој додаде дека е необјасниво како службите не постапиле, со што продолжила исплатата на парични средства. Еден од условите за остварување на правата е да се провери имотната, материјалната и социјалната состојба на корисниците, а тоа е да не поседуваат возило и приходи по други основи. Велковски наведе дека во некои од градовите каде е детектирана злоупотреба, бројката на корисници надминува сто, како Битола – 166, Гостивар – 164, Куманово – 235, Прилеп – 229, Скопје – 714, Карпош – 125, Кисела вода – 155, Чаир – 151, Шуто Оризари – 121, Тетово – 150.

Претходна вестБензините поскапуваат до еден, дизелот поевтинува за половина денар
Следна вестУставниот суд на Хрватска одлучи: Претседателот не може да биде кандидат на изборите