Во Аеродром: Дали за три години три пати ќе се садат дрвца на исто место?

Крајот на зимата е поволен период кога се садат дрвца, вегетација… Скопје има потреба од многу садници, па добро би било надлежните малку посериозно да се ангажираат околу оваа работа.

Да, во општина Аеродром пред некој ден веќе имаше таква активност. Се засадуваа мали фиданки вдолж неодамна реконструираната улица „Васко Карангелески“.

Убаво е тоа, ама активноста не заслужува пофалба за градската и општинската власт. Причината е што тоа садење е на местото на веќе исушените зимзелени дрвца кои беа посадени пред малку повеќе од една година. Се дозволи голем дел од вкупно 825 садници целосно да пожолтат, односно да се исушат.

Значи, еднаш скапо се плати за да се посадат дрвца, сега пак се плаќа за да се посадат нови на истото место. Некој би рекол дека минатото лето беше исклучително жешкото, но таму беше поставен систем „капка по капка“ – зошто не функционираше?

-Добро е што се сетија да насадат, ама се ми е страв дека поради лежерност и овие ќе се исушат па ќе се дозволи за три години три пати да се садат дрвца на исто место, ни прокоментира една аеродромка.

На испит се од општината и градот Скопје. Ја научија претходната лекција или пак исушени дрвца ќе гледаме на улицата која со многу фалби беше пуштена во употреба?

Претходна вестМицкоски до Ајдари: Поради аздисаноста на претходните функционери од вашата партија, буџетот не е во состојба да понуди добри плати за граѓаните
Следна вестСДСМ: Власта лиферува имиња во јавноста за етикетирање и предвремена јавна осуда