Во Чифте амам изложба на скулптури од уметникот Томе Аџиевски

Изложбата на скулптури на уметникот Томе Аџиевски, насловена „Беше еднаш на Истокот“ (ONCE UPON A TIME IN THE EASТ) ќе се отвори утре (19:30 часот) во Чифте амам, објект на Националната галерија на Македонија. Кураторка на проектот е Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија, која вели дека Аџиевски е еден од исклучително важните уметници на т.н. средна генерација македонски современи уметници кои се појавуваат во 9. деценија.

– Контроверзен, но моќен, раскошен но некогаш и оспоруван, Аџиевски отсекогаш со особена вештина создава дела кои имаат исклучителни просторно-естетски специфики, но ангажираниот општествено-политички дискурс доминира како важен белег на неговиот уметнички темперамен, вели Франговска.

Според кураторката, новиот творечки циклус на Аџиевски претставува своевиден омаж на периодот на руската авангарда и нивната уметничка револуција – како реакција на општествената револуција.

Станува збор за мултимедијални дела кои содржат лим, каширана хартија, пластика, метал, спирали од стари душеци, картони, туби, силикон, шипки, облека, мермер, јутени вреќи, каиши, пластични бардаци, текстил, дрвени плочи, асфалт, боја, катран.

Роден е во 1958, во Струмица. Дипломира во 1983 на Академијата за ликовни уметности во Загреб, во класата на скулпторот Иван Саболиќ. Истата година, како стипендист, остварува двомесечен студиски престој на Уметничката академија во Виена. Од 1984 е член на ДЛУМ. За првпат самостојно се претставува во 1986 , со проектот „Трчање на Запад“. На Годишната изложба на ДЛУМ ја добива престижната награда за скулптура„Нерешки мајстори“,како нејзин најмлад добитник.

Во 1991 Аџиевски престојува во Манчестер, каде што реализира неколку скулптури во отворен простор. Во 1996 престојува во САД. Во Сан Франциско ја реализира монументалната пластика „Духот на мртвиот татко“, форма инспирирана од традициите на индијанските заедници од регионот. Таму го создава и својот значаен проект „Големиот чекор назад“, подоцна прикажан и како самостојна изложба во Скопје, во Музејот на современата уметност (МСУ).

Претходна вестНа малолетник му се заканувале со нож во скопски Аеродром
Следна вестДал две илјади евра не добил ништо, измамен гостиварец