За случаите со заразени ученици, институциите гледаат по принципот чашата е полуполна или полупразна

Медиумите во земјава и денеска објавуваат за случаи на заразени ученици во повеќе градови. Освен Скопје, се споменуваат и Штип, Велес, Прилеп…

По еден заразен ученик во основните училишта „Тошо Арсов“ – Штип и „Страшо Пинџур“ во Карбинци. Одделенијата во кои учеле учениците се ставени во изолација. Еден позитивен случај има во средното електромашинско училиште „Коле Нехтенин“, каде 18 ученици од паралелката во кој учел средношколецот се во изолација. Во најголемото основно училиште „Ванчо Прќе“ – Штип има двајца суспектни наставници. Надлежните од Центарот за јавно здравје – Штип велат дека имаат и еден заразен ученик и еден суспектен и во средното училиште за специјално образование и воспитание „Искра“ – Штип.

Поради два ученика позитивни на ковид-19 во велешката гимназија „Кочо Рацин“ во изолација се ставени учениците од две паралелки, а од изолација се изоставени учениците кои биле вакцинирани, информира денеска градоначалникот Аце Коцевски.

Позитивен ученик има и во средното училиште „Коле Неделковски“, и една директорка на средно велешко училиште. Во едно општинско училиште во велешките села инфицирани се директорот и педагогот.

Во ОУ „Кирил и Методиј“ во Велес во изолација се две деца, од ОУ „Васил Главинов“ позитивен е еден наставник и три ученика, а четири се во изолација. Во ОУ „Блаже Конески“ еден наставник е во изолација, три ученика се позитивни и четири се во изолација. Позитивен на корона вирусот е и психолог во едно основно училиште во велешко село.

Во детските градинки „Димче Мирчев“ позитивно е едно лице од техничкиот персонал.

Во Прилеп, едно одделение со 21 ученик во прилепско основно училиште од денеска исто така е во изолација, поради ученик кој бил позитивен на тестот. Во изолација се и пет предметни наставници кои имале контакт со него.

Одделението ќе следи онлајн настава, а наставниците кои се во изолација ќе предаваат онлајн.

Оваа учебна година почна со настава со физичко присуство за сите ученици во Македонија. Според планот на надлежните, ќе се премине на онлајн настава ако се заразат 10 отсто од учениците. Засега, од МОН велат дека бројката на заразени е 0,01 отсто, а школите не се место на трансмисија.

Претходна вестКако на Див Запад: Малолетници киднапирале девојче во Шутка
Следна вестДа сум премиер, ќе го одземам нелегално стекнатиот имот и ќе го вратам на граѓаните