Само малку се спуштија температурите во Скопје и градот веднаш се најде меѓу најзагадените во светот. Значи, неодамнешното рангирање на 7-мото место според загаденоста на воздухот во наредниве недели ќе биде уште полошо. Ќе се работи на тоа да не биде така?
Се гледа дека она што е преземано во изминативе години не беше доволно и дека треба да се продолжи посериозно во правец на решавање на ова прашање кое го тангира здравјето на скопјани.
Се очекува загриженост кај скопската градоначалничка Данела Арсовска за состојбата со загадувањето. Од нејзина страна нема најави за конкретни мерки кои ќе бидат преземени. Подготвува ли некој план?
Во меѓувреме се случува во градот да не функционираат неколку автобуски линии, а со што граѓаните се принудени да користат автомобили. Тоа нека се реши долгорочно. Без реакција и отпор од градските власти поминува најавата на Владата дека за топланите во случај на потреба ќе се набавува дизел-горивото кое значително ќе го загади градот. Исто како што без реакција на Градот Скопје поминуваат месеци, а да не се прави ништо около гасификацијата на метрополата што треба да се прави во соработката со централната власт, а што треба да биде едно од клучните решенија за чист воздух. Се чека и на пошумувањето на Водно, на садење на ветените 100.000 дрвја по разни градски локации…
Градоначалничката Арсовска сигурно знае дека градењето на паркот во Ѓорче Петров, сепак, не е доволно за да се смета задоволително е сторено за чист воздух во градот. Има свој тим на соработници нека делува. И секако нека иницира соработка со централната власт околу намалувањето на загадувањето во Скопје.
Владата пак, да не го игнорира загадувањето, отровниот воздух не е лош само за политичките неистомисленици туку за сите во Скопје.



