Собранието вчера попладне по три дена ја заврши расправата по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите, согласно кој по 19 години земјава годинава треба да ја изврши оваа статистичка операција. По Предлог – законот ќе се гласа на продолжение на оваа седница, кое ќе биде дополнително закажано.
Во обраќањето пред завршувањето на расправата, министерот за правда Бојан Маричиќ истакна дека државата и системот се подготвени за попис. Доказ за подготвеноста рече, е и извештајот на Европската Комисија, во кој се нотирал добар напредок, особено во спроведувањето на пилот фазата од пописот на населението, како и тестирањето на новата методологија.
-По ова, сомнежи за тоа како ќе се спроведе пописот има само уште кај опозицијата, која бара начин тој да биде одложен. Најавата дека ќе се собираат потписи да се спречи одржувањето на пописот е само продолжение на напорите да се опструира развојот на државата, а повикот за бојкот е бизарен. Не може да се бојкотира нешто што е обврска, рече Маричиќ.
Тој ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека насила се „турка” попис, а тие како политички субјект биле игнорирани од власта по ова прашање.
-Сакам да ве потсетам дека разговорите со опозицијата за пописот започнаа уште во 2019 година. Токму ВМРО-ДПМНЕ реши да се повлече од нив. Последните предлози кои ги добивме, за кои беше информирана и јавноста или беа небулозни или беа непотребни и неостварливи во вакви кратки временски рокови. Да имаше барем еден конструктивен предлог, за кои статистичарите, односно Државниот завод за статистка ќе кажеше дека е добар, ние ќе го прифатевме и ќе го вметнеме во текстот на законот. За жал таков не добивме, рече министерот.
Дел од пратениците од опозицијата реагирирајќи на говорот на Маричиќ истакнаа дека тој многу повеќе личел на политички говор на партиски фукционер отколку на министер за правда. Опозицијата смета дека со вака поднесен закон без прифаќање на суштински амандмани на опозицијата, без прецизни дефиниции и методологија која подоцна ќе се носи како подзаконски акт, овој процес се политизира наместо да биде само статистичка операција. Се отвора, велат, простор за сомнеж во целиот процес, а дополнителен доказ за тоа е што се предвидуваат и врзни потписи на директорот и на заменикот на ДЗС. Дополнителен сомеж, за нив отвора и одбивањето да се прифати пописот да се сроведе со земање отисок.
-Врзаните потписи на директорот и на заменикот се всушност вето на ДУИ која нема да ги признае резултатите ако тие не им одговараат, рече Борислав Крмов од Левица.
Немањето на методологија во рамки на законот и дефиниција на резидентно население, според опозицијата е нешто што, исто така, предизвикува сомнеж за политизацијата на законот. Ќе попишувате, рекоа тие, државјани, наместо резиденти на оваа држава, а со тоа ќе се дадат погрешни резултати, со што погрешно ќе се планираат и распределуваат инвестициите за развојот на различните региони.
Методологијата, појасни министерот Маричиќ, ќе биде донесена најдоцна еден месец по донесувањето на законот.
-Во однос на дефинициите, тие ќе излезат многу скоро, но јасна е дистинкцијата, меѓу резидентно, нерезидентно и вкупно попишано население во кои влегуваат и резидентното и нерезидентното, рече министерот за правда.
Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, потенцираше дека пописот треба и мора да се реализира, но не сега во овој момент и под вакви услови.
– Со мало пролонгирање на пописот, ќе се избегнат лоши ситуации во однос на пандемијата и ќе се изработи модеп преку кој пописот ќе го добие своето вистинско значење и неговото реализирање ќе придонесе со нови точни статистички податоци за населението во државата, рече тој.