Темен режим Режим на светлина

Зеленски доби топол пречек во Лондон и ветување за помош и поддршка колку што е потребно

Лидерите на повеќе европски земји денеска во Лондон ќе одржат вонреден самит на која главна тема ќе биде безбедносната соработка и обезбедување поголема поддршка за Украина, по драматичниот судир меѓу Киев и Вашингтон на средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот украински колега, Володимир Зеленски во петокот во Белата куќа.

Европските сојузници на Украина, по тензичната средба во Овалната соба меѓу Трамп и Зеленски, изразија цврста посветеност на одбраната на Украина поради загриженоста дека американскиот претседател би можел да го разочара Киев во преговорите за мир со Русија.

Еден ден откако доживеа бурно „испраќање“ од Белата куќа, украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера пристигна во Лондон, каде што беше срдечно пречекан од британскиот премиер Кир Стармер во Даунинг стрит.

Двајцата лидери се прегрнаа пред камерите, а по средбата беше соопштено дека Зеленски обезбедил заем од Велика Британија што ќе ѝ помогне на Украина да ја зајакне својата одбрана, исцрпена по повеќе од три години борба против руската инвазија.

-Благодарам на народот и на владата на Обединетото Кралство за неверојатната поддршка од првиот ден на оваа војна. Среќни сме што имаме такви стратешки партнери со кои ја споделуваме визијата за сигурна иднина за сите, рече Зеленски.

Денеска, Зеленски во Лондон ќе се сретне со британскиот крал Чарлс Трети, а потоа ќе им се придружи на европските сојузници на самитот за безбедност. На состанокот учествуваат лидери од неколку европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Данска, Италија и Турција, заедно со претставници на НАТО и на Европската Унија.

-Сега е време да се обединиме за да обезбедиме најдобар исход за Украина, да ја заштитиме европската безбедност и да ја обезбедиме нашата заедничка иднина, рече британскиот премиер Кир Стармер.

Од Даунинг стрит соопштија дека на самитот ќе биде нагласена потребата од „силен и долгорочен договор кој носи траен мир“ и ќе се разговара за следните чекори за безбедносни гаранции.

Имајќи ги предвид зголемените стравувања за пресврт во однос на континуираната американска поддршка за НАТО, лидерите на собирот ќе се осврнат и на потребата Европа да ја зајакне сопствената одбранбена соработка.

Вчера додека конвојот на Зеленски вледуваше во Лондон, тој беше пречекан од голем број поддржувачи кои го поздравија.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Средба на министерот Муцунски со министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан

Следна објава
Денеска е Прочка, празник на простувањето и чистењето на гревовите

Денеска се празнува Прочка