Жител на селото Мешеишта, општина Дебрца, е осомничен за кривичното дело загрозување на сигурноста на британската амбасадорка во Скопје, соопшти денеска Основното јавно обвинителство Скопје. Постапката е поведена против 55-годишено лице за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
-Осомничениот, на 14 април, се јавил на официјалниот телефонски број на Амбасадата на Велика Британија во Скопје, каде се вклучил автоматскиот оператор на централата. На говорниот апарат осомничениот оставил порака со заканувачка содржина: „Британската амбасадорка во Скопје ќе биде напaдната со огнено оружје. Ова не го пријавувам во македонската полиција, затоа што нема да ја сфатат сериозно заканата“. По ова, повикот го прекинал, но пораката била сочувана во системот. Со ова, осомничениот ја загрозил сигурноста на британската амбасадорка во Скопје, се наведува во соопштението на ОЈО Скопје
Од причина што постојат околности кои укажуваат на опасност осомничениот да се даде во бегство надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд во Скопје достави предлог за определување мерка притвор.



