Знае ли Советот на Град Скопје што е вонредна состојба?

Градот е пред банкрот, сообраќајот е пред колапс надополнет и со блокираниот мост „Беласица“, ЈСП „Скопје“ одвај функционира, капиталните проекти се уште не се ни започнати… Ова е скопска реалност последниве петнаесетина дена од која не се знае како ќе се излезе иако секојдневието за граѓаните станува се потешко.

Наместо договор за тоа што да се прави, како да им се олеснат наметнатите проблеми на граѓаните, од најголемите партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Советот на Скопје, од скопската градоначалничка Данела Арсовска, се испраќаат само соопштенија. Се бара ова, се бара она, се обвинуваат другите, се терат инаети но нема договор. Се уште нема седница на Советот на Град Скопје за да ова најодговорно тело се соочи со проблемите и да понуди некое решение. Претседателот на Советот Трајко Славевски добива барања за седница, но таа се уште не е закажана. Кога ќе биде, не се знае. Не се објаснува ни што е потребно за да таа биде свикана.

Ако опасноста градската каса да биде блокирана и со што не може да се плаќаат извршените работи, сообраќајните гужви, колони поради опожарениот мост, незавршените улици кои се работат по принципот „тргни-застани“, поврзувањето на новиот мост во Аеродром со други сообраќајници… не се доволна причина за вонредно заседание на Советот на Скопје, тогаш на што друго треба да се чека? Излегува дека  градските советници и неговиот претседател чекаат состојбата да биде уште полоша. Градоначалничката, пак, недоволно ја информира јавноста за тоа какви се состојбите и што би можело да се преземе. Тоа не е одговорен однос кон градот и кон граѓаните коишто им ја дале довербата на оваа гарнитура на Градскиот Совет и на градоначалничката. Тие тоа треба да го сфатат и еднаш да решат да ги запрат конфронтациите коишто траат со месеци претходно и да почнат да работат во интерес на граѓаните.

Претходна вестСуспендиран полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Талевски
Следна вестКиличдароглу го овини Ердоган за влезот на 10 милиони нерегуларни мигранти во Турција