Зошто граѓаните не брзаат кон вакциналниот имунитет за кој навива здравствената власт?

Се уште не е е вакцинирано ни половина од македонското население. Според последните информации, барем прва доза имаат примено околу 49 проценти од граѓаните, но волјата за вакцинирање не се променила ниту пак пораснала.

Иако здравствените власти направија и кампања за вакцинација со јавни личности – која чинеше многу, но не ја промени ситуацијата на терен – вакцинирањето никако да стекне доверба кај граѓаните. Надлежните проблемот никогаш не го побараа во себе и недостатокот на сеопфатна стратегија за борба против ковид-19, туку секогаш адресата беше недоволната свесност на граѓаните.

Неколку фактички прашања се објаснување на проблемот:
-Зошто македонските власти 19 месеци не направија стратегија за справување со здравствената криза?
-Зошто никогаш не направија јасни болнички протоколи за лекување на ковид-пациенти?
-Зошто никогаш не направија сериозна анализа за високата смртност, но и за спуштената возрасна граница на лица кои ја губат битката со ковид? За ниту еден индивидуален случај не слушнавме анализа.
-Зошто и вакцинираните се разболуваат по втор пат?
-Зошто никогаш не слушнавме јасно и гласно од надлежните, после трагедијата во Тетово, колку се безбедни и како се градени модуларните болници?

-Зошто не се корегираа дел од протоколите кои времето покажа дека се несоодветни па дури и смешни?

Прашања има уште, не помалку важни од споменатите. Но нема одговори. А во нив e можно да се бара и објаснувањето за власта зошто дел од граѓаните не брзаат да добијат вакцинален имунитет за кој таа навива. Доверба се гради со аргументи и транспарентност, а за време на оваа двегодишна криза, малку такви слушнавме. Сепак, бидејќи за жал пандемијата уште трае, има време да се поправи работата.

Претходна вестАлборг му се одмазди на Вардар – втор пораз во низа за „црвено-црните“
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Цените ќе растат и за 50%, а горивата над 80 денари за литар, a Заев вели тоа е најдоброто