На чело со познатиот обоист Васил Атанасов, камерниот оркестар Скопски солисти, вечерва, со почеток во 20 часот во Филхармонија ќе го одржи вториот концерт за оваа јубилејна – дваесетта година со наслов “Нашите од Европа“. Како солист настапува Благој Ламњов, а диригент ќе биде Виктор Митревски.
-Јас сум првпат поканет да свирам на еден ваков посериозен концерт во Македонија и навистина сум благодарен на професорот Васил Атанасов што пред се го одржува овој ансамбл. Имам продуцирано мали концерти и еден албум и знам колку е тешко да се продуцира еден концерт, истакна Ламњов.
Репертоарот содржи дела од Комитас, Штамитц, Сибелиус и македонската народна песна „Сербез Донка“ која ќе биде изведена во преработка и аранжман на Карл Јохан Анкарблум.