Обвинителството да отвори постапка за да се знае дали сè е законски и легално со изборот на надзорот за коридорите 8 и 10, побара денеска македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Тој додаде дека државната Комисија за спречување на корупцијата веќе го испитува овој случај.
-Сите документи за надзорот му се достапни на Бирото за јавни набавки бидејќи сè е водено според законот за изградба на овие автопатски делници. Јас повикав еднаш, повикувам вторпат. Антикорупциската комисија слободно во секое време да отвори постапка, а тоа се однесува и на Јавното обвинителство. Треба да се знае што е вистина, а што шпекулација. Антикорупциската комисија веќе има и постапка, а сите документи од Владата ќе им бидат доставени, рече Ковачевски.
Во извештајот што го пренесува агенцијата „Макфакс“ се додава дека Ковачевски потенцирал дека надзорот се прави врз основа на закон додавајќи дека за пет години ќе се изградат 110 километри автопат.
За вршење надзор над изградбата на коридорите 8 и 10, Владата се обврза да плати 22,3 милиона евра на конзорциумот предводен од италијанската компанија „ИРД инженеринг“, со објаснување дека надзорот ќе го вршат меѓународни експерти. Иако италијанската компанија е носител на конзорциумот, најголем дел од предвидените 22,3 милиона евра ќе бидат за домашните компании „Електра солушн“ и „Евроконсалтинг“ оти е предвидено тие да завршат најголем дел од работите. „Електра солушн“ е компанија што произведувала долна облека, кусо време се занимавала со услуги поврзани со информатичка технологија и компјутери, а од лани како дејност пријавила други градежно-инсталатерски работи и никогаш досега не вршела надзор. Лиценцата за вршење надзор ја извадиле по распишување на огласот за коридорите во рекордно кус рок.
За другата домашна компанија, пак, „Евроконсалтинг“, опозицијата и некои од медиумите алармираа дека е сопственост на лице со криминално досие, Бранислав Димитриевиќ, уапсен во Хрватска во април 2021 година, врз основа на потерница од Интерпол.



