Предвремени избори да се одржат најдоцна во мај-јуни, а пред нивно одржување не е потребна техничка Влада, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој додаде дека како партија се подготвени веднаш по итна постапка да гласаат за измена на Законот за Влада и Изборниот законик
-Нема потреба од никаква техничка влада, нема потреба од 100 дена, веднаш да одиме на избори и мислам дека тоа е разумно. Стоиме на располагање не мора техничка Влада, со Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи со не знам кој да биде таму премиер, дали овој ќе остане, дали ќе дојде некој друг, со овој министер за финансии, заменик-министер за финансии, со овој министер за труд и социјала, еве како што е вака ние сме подготвени да одиме на предвремени парламентарни избори, изјави Мицкоски од Битола каде денеска беше на средба со Регионалната комора на стопанственици.
Во однос на состојбата со економијата Мицкоски изнесе бројни критики.
-Станува збор за исклучително неспособна, ненародна и некредибилна влада на ДУИ поддржана од СДСМ. Јас не очекувам ништо повеќе од влошување на состојбата и една од причините зошто ние како ВМРО-ДПМНЕ бараме предвремени избори е токму тоа, овие безидејници да заминат и да дојдат луѓе кои што знаат како да се справуваат со предизвиците. Изнудени ад-хок решенија, не се решенија, само ќе ја потсетам македонската јавност дека Македонија како држава има двојно повисока инфлација од тоа што е инфлацијата во еврозоната. А се сеќавате до скоро не убедуваа дека инфлацијата е увезена. Како е тоа увезена кога е два пати поголема од таа каде што е наш најголем трговски партнер, а тоа е Европската Унија. Кога зборувам за промена на оваа влада, не зборувам за власт, не зборувам за да ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт и да има комотна позиција, зборувам да ја спасиме Македонија од оваа криминална, безидејна, и неспособна влада на ДУИ за жал поддржана од она што остана од СДСМ, нагласи Мицкоски.
Во однос на информациите поврзани со најавите за изградба на коридорите 8 и 10д, Мицкоски оцени дека станува збор за криминал од многу големи размери, за што, како што нагласи, прв предупредил.
-Јас прв го објавив тој скандал, и можам да кажам дека овој скандал има епски размери не само во обемот на криминалот од 22 милиони евра, туку од брутално лошиот пристап од страна на Владата да објасни како прави криминал на отворена сцена. Па, тоа се обидува да го правда со тоа што ќе биле ангажирани експерти, а сите вие видовте дека станува збор за експерти од пет соседни држави, тука од соседството кои што ќе прокнижат повеќе од 22 милиони евра, народни пари, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека треба обвинителството да реагира, но не е убеден дека ќе има правда.
-ВМРО-ДПМНЕ овие коридори ги има како приоритет во својата програма и што се однесува до изведбата на истите, ние сме апсолутно тука и стоиме на располагање на реномираната компанија „Бехтел“ да помогнеме во реализација на овие два коридора, но на законски начин со вистински супернадзор и со вистинска помош кои што ги понудиме на компанијата бидејќи приоритет е изградба на патна инфраструктура. Приоритет е и на претходната и на следната програма ќе биде изградба на автопатско решение кое што ќе ги поврзе Прилеп, Битола со граничниот премин Меџитлија, кое што ќе ги поврзе Гостивар, Букојчани со Кичево, а потоа и до Охрид и до Ќафасан и до соседна Албанија. Така што изведбата на овој коридор никогаш нема да биде под знак прашање бидејќи е дел од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ, но на законит начин, нагласи Мицкоски.
Тој посочи дека ќе иницира ревизија на работењето.
-Исто така ви ветувам дека овие компании кои што се дел од процесот на избор на супевизор и надзор ќе биде и тоа како ревидиран и тоа како некој ќе сноси одговорност затоа што не само што сака да украде 22 милиони евра, народни пари туку утре и преку лажните количини кои што ќе бидат дел од овие проекти ќе сака дополнителни провизии, определени корумпирани политичари да стават во свој џеб, нагласи Мицкоски.


