Со откривањето на табла со натписот „Поставување камен-темелник на проектот Коридор 8“ денеска се означи почеток на реализацијата на овој голем инфраструктурен. Со него се предвидува изградба на четири автопатишта кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“ вредни 1,3 милијарди евра. Делницата Тетово – Гостивар е долга 17,5 километри, а според најавите, нејзината изградба ќе чини 125 милиони евра. Таа е само една од четирите делници со вкупна должина од 110 километри, кои „Бехтел и Енка“ треба да ги изградат за 1,3 милијарда евра во рок од четири години. Другите три делници се Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола.
На свеченоста во Тетово премиерот Димитар Ковачевски изјави дека ова е почеток на сериозен проект при што со геостратешката позиција и Коридорот 8 Македонија станува неизбежна транспортна рута како во регионот така и пошироко.
-Изградбата на Коридорот 8 значи поврзување на државата со другите земји од Европа, значи странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и стока, развиен туризам и, пред сè, безбедни и сигурни патишта за граѓаните. Првпат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само поврзување север и југ. Со изградбата на автопатите нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа. Пристаништето во Драч и пристаништето во Бургас и тоа за нас е одлична можност и перспектива за развој. Северна Македонија, ако досега беше кружен тек, сега со овој Коридор 8 станува вистинска крстосница на Балканот, рече Ковачевски.
На свеченоста зборуваше и американската амбасадорка, Анџела Агелер. Таа на македонски јазик рече дека ова е посебен ден за Македонија и дека се чувствува почестена што е дел токму од таа пригода.
-Ова е инвестиција во иднината на Северна Македонија и на сите земји поврзани со Коридорот 8 и пошироко. Подобрувањето на патиштата во Северна Македонија е од исклучително значење за економскиот развој. Развојот на оваа модерна патна мрежа ќе помогне да се движат луѓето, да се движат стоките и да се привлечат инвестиции. Добрите транспортни рути како Коридор 8 ќе и помогнат на Северна Македонија да ја подобри својата регионална интеграција и да изгради подобри односи со своите соседи, рече Агелер.
Според најавите, за четири години и шест месеци „Бехтел и Енка“ треба да изградат 110 километри патишта.