Притворот на скопјанецот осомничен за двојното убиство во чаршиското кафуле „Шиша бар“ е продолжен на 30 дена. Од Обвинителството за „Макфакс“ потврдуваат дека побарале и добиле лицето да остане во затворот „Шутка“ поради опасноста од бегство. Детали и овојпат, не споделуваат.
„Во интерес на чувствителноста на истражната постапка која е во тек, Основното јавно обвинителство Скопје во овој момент не е во можност да споделува повеќе детали. Веднаш штом бидат испитани одредени околности и ќе биде надмината опасноста за загрозување на постапката, соодветно ќе ја информираме јавноста“, велат од Обвинителството за „Макфакс“.
Ова е прво лице на кое Кривичниот суд му одредило и притвор, а се поврзува со овој случај. Во исто време, преку меѓународна правна помош се трага по извршителите. Убиени беа Јетон Кривањева, наречен Жила, и Енес Исени, кои се поврзуваа со наркопазарот.
Според неофицијални извори на „Макфакс“ , скопјанецот се сомничи дека има поврзаност автомобилот „ауди“, со кое извршителите на убиството избегаа, па потоа беше запалено. Од упатени извор, дознаваме дека Обвинителството наредило да му се земат и папиларни линии за да се утврди дали тие се совпаѓаат со земените од автомобилот.





