Со 17 гласа против, без ниту еден за и без воздржани Советот на општина Карпош вчера не го изгласа Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт Ј03, блок 02, општина Карпош Скопје. Против спорниот ДУП за Козле гласаа 17 присутни советници од советничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица и независните советнички во Општина Карпош, додека советниците на ГРОМ уште пред гласањето ја напуштија седницата.
Претходно, градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски го повлече ДУП-от од дневен ред, советниците го вратија но и тоа не беше доволно да се смират незадоволните граѓани.
-Жалам што нема да видите снимка од 33-тата седница на Советот на општина Карпош затоа што градоначалникот ги повлече сите служби од седницата. Толку од демократијата и поимањето што е тоа демократија, напиша на Фејсбук советникот Роберт Вељановски по седницата на Советот на општина Карпош на која не беше изгласан ДУП-от за Градска четврт Ј03, блок 02.
Седницата поминала во тензична и мачна атмосфера. Пред нејзиниот почеток незадоволни граѓани влегоа во салата и сакаа да земат збор. Но откако им беше објаснето дека може да присуствуваат на седницата. Граѓаните од скопската населба Козле се против усвојувањето на овој план, кој се однесува на просторот од детското игралиште во Козле до дирекцијата на Реплек, покрај булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Тие се загрижени дека со изградбата на пет згради и планираната сервисна улица ќе се уништи зелениот појас во наслебата во кој има дрворед, фонтана и игралиште. Градоначалникот Јакимовски ваквите тврдења ги нарече невистинити.



