Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера кажа дека новите лични документи на граѓаните со името Република Северна Македонија мора да бидат сменети до февруари 2024 години, но и платени од џебот на граѓаните. Ставот на МВР и Владата е категоричен: нема можност за пролонгирање на рокот, немало можност државата да ги подмири тие трошоци, или барем тие да бидат помали. А дали е така? Навистина ли нема можност издавањето на новите лични карти, пасоши и други документи со новото име на државата да се врши и по февруари вгодина?
Министерот вчера не објасни зошто е невозможно рокот за замената да се пролонгира. Познато е, рокот за замена е ставен во фамозниот Преспански договор и предвидува во период од пет години, од почеток на важењето на Договорот, да се изврши замена со која на личните документи ќе го има новото-наметнато име на нашата држава. Во Договорот, инаку, е предвиден и „политичкиот“ преоден период кој се однесува на сите документи и материјали коишто се за внатрешна употреба и чие издавање ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш. Но, тоа веќе никој не го споменува… а отворање на поглавја има само во министерските сништа. Тогаш, зарем навистина е оправдано граѓаните да се притискаат со февруарскиот рок, да се упатувата закани со казни, да се создаваат редици пред шалтерите за вадење на лични документи, да се создава нервоза…Тоа прашање поставуваат и граѓаните.
-Нека се мануваат кога ќе им истече важноста, порача во својот коментар една граѓанка на Фејсбук-страницата на „Скопско ехо“.
Навистина, што е толку невозможно за да се направи отстапка и да се пролонгира рокот за замената? Навистина ли не можат да се заменат законските рокови?
Одгозора, граѓаните сега треба да плаќаат и поскапо. Па, така, за лична карта граѓаните сега ќе мораат да платат 310 денари, што е зголемување за 120 денари. Возачката дозвола ќе чини 410 денари, што е поскапо за 130 денари. Цената на пасош за лице до 27 години останува 1.500 денари, но за лице над 27 години ќе изнесува 2000 денари… Објаснувањето за ова е дека поскапеле репроматеријалите, дека имало и други трошоци… Но, цените на репроматеријалите се поскапени во многу сектори па таму се најдоа начини да не се случат така драстични поскапувања. Така и сега, Владата и МВР мора да најдат решение за намалување на зголемените цени кои веќе станаа недостапни за просечното македонско семејство. Во спротивно, ќе се дојде во ситуација да имаме граѓани и без лични документи…
Време до февруари има доволно да се најдат решенија во прилог на граѓаните и на нивните семејни буџети. Примерот со регистарските таблички беше доволно поучен. И таму МВРТ и Владата тргнаа со категорично барање да се менуваат сите таблички на сметка на граѓаните, за да подоцна сфатат дека целата работа можела да се заврши и со евтините налепници.




