Упадот на дел од жителите на кумановското село Слупчане во трафо-станицата со цел да се приклучат на електричната мрежа е причина покрај ово село без струја да останат и околните села – Ваксинце, Лојане, Оризаре. Домаќинствата во овие подрачја немаат струја од доцна синоќа откако се случи дефект во енергетскито објект на ЕВР кој беше насилно отворен.
-По ваквиот обид на самоволно противправно приклучување, предизвикан е дефект од големи размери кој ги остави и соседните села без струја. Ваквите манипулации од нестручни лица се крајно небезбедни и може да имаат трагичен крај, изјавија денеска од ЕВН.
Инаку, мештаните во Скупчане и денеска не им дозволуваат на екипите на ЕВН да извршат поправки и да постават системи за точно мерење на електричната енергија. Тие вчера направија блокади во селото откако им беше исклучена струјата бидејќи ЕВН веќе не можеше да толерира кражби на струја.
-Поради контуинирано неовластено користење на електрична енергија од страна на мештаните на село Слупчане, се оптоварува мрежата при што се предизвикуваат големи дефекти. Екипите на Електродистрибуција постојано се соочуват со попречување во извршување на законските обврски, се соочуваат со закани и им се забранува пристап до енергетските објекти. Со ова, во целост се оневозможува нормалното функционирање и работење. Сѐ додека нема цврсти гаранции и услови за работа и нормално функционирање поради наведените причини, нема да постои можност за санација на дефектот, образложи Електродистрибуција.
ЕВН денеска информира дека проблем има и во скопското село и општина Студеничани, но дефектот не може да се санира поради семејството Идризи. Семејството подолго време оградило улици на подрачје од 30-ина куќи во селото, притоа спречувајќи ги екипите на ЕВН да го санираат дефектот. Тоа е причина што уште 100 други семејства сега немаат струја.
-Неопходно е да се санира дефектот и реконструира мрежата за да се овозможи легално приклучување и мерење на електричната енергија. Нашата законска обврска е да им обезбедиме на сите граѓани стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија, изјавуваат од ЕВН.
Фото: Фејсбук




