Жителите на липковското село Слупчане денеска им дозволија на екипите на ЕВН да влезат во селото за да се нормализира снабдувањето со електрична енергија. Ова се случи по разговорот на министерот за економија Крешник Бектеши со градоначалникот на општина Липково Еркан Арифи кои имаа контакти со жителите.
По ова, екипите почнаа непречено да работат за да ги отстранат дефектите и да направат надградба на дистрибутивната мрежа.
ЕВН денеска информираше дека дефектот во Слупчане ќе се санира за скоро време, по добиените гаранции од страна на министерот за економија, кој заедно со градоначалникот на Липково се договорил со жителите да не ги спречуваат екипите на електродистрибуција да работат.
-Ќе започнеме со проектот за реконструкција на мрежа и поставување нови мерни системи кои ќе овозможат точно мерење на електрична енергија, соопшти ЕВН.
Претходно, како што информираше ЕВН, во вчерашните доцни часови, лица од Слупчане насилно и противзаконски отвориле голем енергетски објект во припадност на електродистрибуција во обид сами да го вратат напојувањето со електрична енергија во селото, при што ги оставија жителите на соседните села, Оризаре, Ваксинце и Лојане без електрична енергија.
Проблемот во Слупчане се провлекува со месеци, поради кражбите на електричната енергија кои се околу 80 отсто, а наплатата е само 20 проценти. Жителите не дозволуваат да им се постават дигитални броила и го блокираат влезот во селото за екипите на ЕВН.



