Необична ситуација се случуваше денеска по изрекнувањето на пресудите во случајот „Софтвери“ во судницата на скопскиот Кривичен суд. Порталот „360 степени“ објави дека во судницата во еден момент осудениот Даниел Станчев ја запросил, исто така, осудената Ирена Ивановска.
-До запросувањето дојде откако обвинителката Ивана Трајчева побара да им се определи притвор на четворица од неправосилно осудените меѓу кои и за Даниел Станчев. Двајцата беа неправосилно осудени, Даниел Станчев на четири години а Ирена Ивановска на три години и шест месеци, се наведува во веста на „360 степени“.
Се наведува дека обвинителката Трајчева како една од околностите поради кои бара притвор го наведе тоа што Станчев нема имот и нема оформено семејство.
Потоа Даниел Станчев во судница зеде збор, ги кажа неговите аргументи против притворот и кога зборуваше околу околноста што нема семејство се сврте кон обвинетата и кажа:
-Во однос на мојата семејна состојба која за обвинителката е околност дека како неженет би се дал во бегство, еве со моето срце јавно ја прашувам Ирена Ивановска дали ќе се омажи за мене. Дали ти после осум години ќе се омажиш за мене. Ти си единствената причина поради која останав во оваа земја.
Потоа клекна на колена, а Ирена Ивановска му одговори со „да“ по што се бакнаа и прегрнаа.
Сите во судницата останаа вџашени од потегот, а судијаката Фанка Јанчулева-Михаиловска рече дека споделиле убав момент и даде пауза од половина час за советот да одлучи дали ќе определи притвор за четворицата обвинети…




