Не е направена сериозна анализа на оштетувањата на опожарениот мсот „Беласица“, предупреди денеска деканот на скопскиот Градежен факултет Горан Марковски. Тој денеска имаше презентација на своето видување на овој проблем. Експертизата на оштетувањето на костот, познато е, ја вршеше приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени на професорот Михаил Гаревски кој неодамна изјави дека објектот има само полесни оштетувања по пожарот пред два месеца.
-Јас не викам дека мостот има сериозни оштетување, туку дека се потребни детални анализи, а колку што знам таква анализа не е направена. Не може да се врши испитување на каблите за преднапрегање со снимки со дрон, постојат начини, опрема и механизми како тоа се испитува, рече Марковски.
Тој повика да се испита присуството на микропукнатини во структурата на бетонот, да се види до каде тие се протегаат и до која длабочина, како и да се утврди температурата што пристигнала до каблите за претходно напрегање, па врз основа на тој податок да се види дали треба контрола на нивните сили или нешто друго.
-Треба и да се направи еден прецизен математички модел на мостот „Беласица“ што ќе покаже, со вака утврдени карактеристики, како тој би се однесувал во иднина. Ова е некој минимум што треба да се направи за да може ризиците да се сведат на најмалку можна мерка. Колку пожарот е подолготраен се формираат микро пукнатини кои не се видливи со голо око, а знаеме дека пожарот траел 4 часа. Не е гаранција ниту тоа дека ако не се менува бојата дека бетонот е добар. Каблите за предднапрегање на висока температура омлитавуваат, се издолжуваат и силата им опаѓа. Многу е важно да се утврди дали температира од над 200 степени стигнала до каблите. Несфатливо е да се прави испитување, а да не се допре до средното поле на мостот. Тоа е недозволиво за ваква експертиза, потенцира Марковски.




