Затворска казна во траење од осум години му е изречена денеска на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски во случајот „Софтвери“ во кој тој беше обвинет со уште шест други лица. Тој е огласен за виновен откако беше обвинет за „перење пари“ и „злоупотреба на службената должност“.
Според Основниот кривичен суд, Рашковски во периодот од 2017 до 2021 година, додека бил генерален секретар на Владата, ги местел тендерите за набавка на софтвер за мерење на брзината во сообраќајот, како и на софтвер за биометриска идентификација, со што голем дел од парите завршиле кај него.
-Ќе се конфискуваат недвижнини на Рашковски со цел да се надомести штетата, а права на некои од нив нема да имаат ниту неговите малолетни деца, објави судијката Фанка Јанчулева – Михауиловска.
Ивица Дмитровски, професор за информатички науки и надворешен соработник на Владата, е осуден на казна затвор од 5 години, а Игор Христов, исто така надворешен соработник на Владата, доби 5 и пол години затворска казна. Даниел Станчев, сопственикот на „Инвока“ е осуден на затвор од 4 години, додека Ирена Ивановска, Игор Ивановски, и Маја Сиљаноска, надворешни соработници на Владата, се осудени на 3 и пол години, односно последните двајца на 3 години казна затвор.
Покрај затворската казна, првостепената пресуда предвидува и солидарно да се надомести штетата на државата во висина од 6,4 милиони денари за набавката на софтверот за биометриска идентификација и речиси пет милиони денари за софтверот за определување просечна брзина на возилата. Судот одлучи и да се надоместат парите од исплатените хонорари на обвинетите од Генералниот секретаријат на Владата.
Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје.
Според обвинителниот акт, првообвинетиот, Драги Рашковски, не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.




