Со изведбата на претставата „Народен непријател“ на Македонскиот народен театар (МНТ) по текст на Хенрик Ибзен и во режија на Нина Николиќ, синоќа започна седмото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Отело“ во Гостивар. Пред гостиварската публика во Центарот за култура „АСНОМ“ беа претставени програмата за оваа издание и жирито кое ќе ги додели наградите за најдобар актер, актерка, режисер и претстава.
Освен МНТ, годинава со свои претстави на „Отело ќе настапат и народните театри од Косово и Албанија, и три други државни театри: од Габрово (Бугарија),Тетовскиот и театарот од Лесковац (Србија).
Фестивалот продолжува вечерва со претставата „Се надевам ќе играат добро“ по текст на Луц Хибнер во продукција на драмскиот театар „Рачо Стојанов“ од Габрово (Бугарија).
Најавените претстави ќе се играат на големата сцена во центарот за култура АСНОМ, а влезот е бесплатен.
Фестивалот ќе биде затворен во недела со изведба на „Први и последни“ на Народниот експериментален театар „Кујтим Спахивогли“ од Тирана (Албанија) и доделување на наградите.