За вработен во МВР кој го поддржа нападот на Хамас врз Израел ќе има санкции

Ќе има санкции за вработениот кој го поддржал нападот на Хамас врз Израел на Фејсбук, соопштија од Министерството за внатрешни работи. Од Министерството потенцираат дека ги осудуваат нападите на групата Хамас врз Израел.

– Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапува по случајот со полицискиот службеник А.С. и неговите објави на социјалната мрежа Фејсбук во врска со нападите на Хамас врз Израел и против него ќе биде поведена дисциплинска постапка односно ќе следуваат соодветни санкции. Ставот на МВР и Владата е јасен и прецизен. Силно ги осудуваме нападите на групата Хамас врз Израел и се солидаризираме со израелскиот народ. Апелираме за решенија преку дијалог. На светот му е потребен мир, велат од полицијата.

Претходно екс-припадникот на Агенцијата за разузнавање Наќе Чулев побара одговор од МВР, оти тамошен началник, според неговото тврдење давал поддршка на нападите на Хамас врз Израел.

Во време кога светот и Македонија застануваат и даваат недвосмислена поддршка за Израел и ги осудуваат терористичките напади на Хамас, висок началник во Министерството за внатрешни работи дава јавна поддршка на нападите на Хамас врз Израел. Имено, станува збор за Аднан Синани, началник во Одделот обезбедување во Министерството за внатрешни работи и лице кое работи како лично обезбедување на Заменик министерот за внатрешни работи, Назим Буши. Работа која вклучува ВИП обезбедување, учество во домашни и странски делегации и присуство на меѓународни настани, истакна Чулев.

Тој побара став и од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот Стево Пендаровски на овој, како што вели, анти-НАТО наратив на висок полициски службеник.

 

 

Претходна вестПразничен перформанс во Прилеп: 1.200 ученици формираа македонско знаме на плоштадот
Следна вестПрво сведочење во Анкетната комисија за „Онкологија“: Екс-министерот Беким Сали барал оставка од Нино Васев