Централното собрание на Алијансата за Албанците со поддржувачите на Зијадин Села, со 106 гласа „за“ од вкупно 108 присутни пратеници, донесе одлука за иницирање на разрешување на Арбен Таравари од функцијата претседател. Потврдата за оваа иницијатива ќе оди на вонреден Конгрес свикан на 18 февруари. Села рече дека очекуваат Таравари и неговите поддржувачи да се појават и на Конгресот, за да нема потреба случајот да оди на суд. Од друга страна, запрашан за поддршката што Таравари ја доби од членовите на партиското собрание пред два дена, Села рече дека местото за гласање е Централното собрание.
-Јас не ги следам оние што потпишуваат. Кажаа дека биле; 85, 70 и не знам колку. Одлуките не се носат на политички митинзи, туку се носат на партиски органи. Денот за гласање и кревање рака беше денес. Самиот факт што не се појавија покажува дека сакаат да ја прошверцуваат одлуката, рече Зијадин Села, претседател на Централното собрание.
Запрашан дали ќе се врати на врвот на партијата како претседател, Села рече дека не бега од своите одговорности. Сепак, статутот на партијата го ограничува бројот на мандатите на претседателот на два.
-Го знаете одговорот, дека никогаш не бегам од одговорноста во животот. Со мака ја градев и ја градевме заедно со сите овие членови на АА, оваа партија. За ова треба да одлучи Конгресот, а не јас лично. И кога зборувам за конгресот, конгресот има легитимно право да донесе статут, да направи промени во статутот, и да не направи промени во статутот, и Алијансата за Албанците да продолжи како што е во статутот “, нагласи Зијадин Села, претседател на Централното собрание.
Алијансата за Албанците не ја разгледуваше одлуката на централното раководство на партијата самостојно да излезе на избори, бидејќи оваа точка треба да ја иницира претседателот. Ќе има уште еден посебен состанок, откако Конгресот ќе избере нов претседател.
Таравари, пак, вчера на Фејсбук наведе дека Судот ќе одлучи кој ќе ја води Алијанса на Албанците.
-Нашата кауза е промена. Несупешни се обидите на ДУИ и сценаристот Груби да не дефокусираат за тоа чија е партијата и кому му припаѓа. Од денес, повеќе нема да се занимаваме со оваа работа. Секој кој има поплаки нека се обрати до судот. Нашата се промените кои започнаа. 8 мај е секој ден се поблиску, напиша Таравари во Фејсбук статус.
Тој синоќа одржа партиски собир во Гостиват на кој порача дека промените во албанскиот блок мора да дојдат по 24 години.
-Промената ќе се случи и никој не може да ја запре таа промена, порача тој.
Прашан дали официјално ќе влезе во коалиција со албанскиот опозициски блок, вели дека оваа недела ќе се сретне со лидерите на албанската опозиција.
-Се уште немаме платформа со опозициските партии. Оваа недела јас сакам да го слушнам и народот во неколку градови. Затоа бевме и во Куманово. Кај луѓето има позитивна енергија. Следната недела може ќе се сретнам со претседателите од албанските опозициски партии, да седнеме да разговараме и да одлучиме кога би направиле официјална коалиција со некоја платформа, кажа Таравари.
Прашан дали ќе формира партија, вели „ако некој смета дека Алијанса за Албанците е нечија сопственост и дека ја донел од дом, ќе му ја однесеме дома и ќе му ја вратиме“. – Но партијата е на гласачите, на членството, на луѓето што ја поддржуваат, кажа Таравари.