Новинарката Лиридона Вејсели е казнета со 700 евра од Основниот суд во Гостивар, поради тоа што во новинарски прилог го спомнала името на судијата кој постапувал во чувствителен судски предмет. Станува збор за случај во кој обвинетиот бил осуден на три месеци затвор за закана и уцена кон малолетно лице.
Според судската одлука, наведувањето на името на судијата во прилогот било оценето како повреда на неговата чест и професионален углед. Пресудата е донесена од Основниот суд во Гостивар, по предлог на Основното јавно обвинителство Тетово, иако и новинарката и судијата се од Тетово.
Вејсели во својата реакција нагласува дека известувањето било целосно во согласност со новинарската етика и професионалните стандарди, со цел информирање на јавноста за прашање од висок јавен интерес.
За случајот реагираше и Здружението на новинарите на Македонија, кое изрази сериозна загриженост и оцени дека ваквата првостепена пресуда испраќа исклучително негативен сигнал за состојбата со слободата на изразување и медиумските слободи во државата.
Реакции имаше и од јавни личности и од политичките кругови, а меѓу оние кои јавно се огласија е и претседателот на Собранието, Африм Гаши.