Марихуана ја тресе Македонија. МВР тресе фирми во Скопје и Струмица и засега запленила над 40 тони марихуана. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека дополно ќе се претресува и до завршувањето на оваа истрага заплената може да достигне и до 100 тона.
Тој воедно кажа дека причина за заплената е непочитувањето на Законот за производството и употребата на канабис, при што појасни дека иако законот е генерално истиот од почетокот кога е донесен во 2016 година, во меѓувреме некој министер донел подзаконски акт – правилник, што е спротивен на Законот и најави дополнителна истрага за ова.
Иако Мицкоски не објави кој е министерот што потпишал подзаконски акт, спротивен на законот, познато е дека оваа сфера законски е регулирана од страна на Министерството за здравство. Во перидот од 2017 до 2024 година со ова министерство раководеа Арбен Таравари од јуни до декември 2017, кога го наследи Венко Филипче кој беше министер до јануари 2022 година. Први луѓе на здравство потоа беа Беким Сали, Фатмир Меџити и Илир Демири.
Запленетата марихуана, доколку завршела на „црниот” пазар можела да се продаде и за стотина милиони евра. Moра јасно да се истражи и дали и колку тони марихуана произведена за медицински цели во минатите години завршувала на црниот пазар, кои се компаниите што ова го работеле и конечно кои се функционерите што ова на разни начини го дозволиле?