Oд денеска започна постапка за враќање на личните предмети пронајдени на местото каде во Кочани изгореа 63 млади лица. Од кочанската полиција известуваат дека сите повредени лица во дискотеката „Пулс”, блиски членови на семејствата на починатите, како и други лица – посетители за време на настанот можат да се обратат во просториите на Одделението за внатрешни работи Кочани и да присуствуваат на идентификација и враќање на личните предмети кои биле пронајдени при увидот, а кои им припаѓаат на повредените и на починатите лица.
Меѓу предметите што ќе се враќаат се мобилни телефони, паричници, накит, часовници, ташни, облека и обувки.
Враќањето ќе се врши по претходна идентификација од страна на сопствениците или од блиски членови на семејствата на починатите, наведуваат од ОВР Кочани.






