Македонската ракометна репрезентација ги финишира своите подготовки за претстојниот двомечот со Словачка во рамките на квалификациите за Светското првенство (СП) в година во Германија. Денеска заминува за Прешов, каде што утре (19 часот) ќе го игра првиот бараж-меч во модерната „Татран Арена“ со капацитет од 3.870 седишта, додека реваншот е в недела (19 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Црвено-жолтите досега играа на девет светски првенства, од тоа седум во низа, како и на девет европски шампионати, осум по ред. Под селекторската палка на Кирил Лазаров се воигруваат последните тактичко-технички варијанти во нападот и одбраната пред гостувањето во Прешов. Ако Македонија се пласира на СП, ова ќе биде нејзино 10. учество, а осмо во низа, додека Словачка како самостојна држава, досега настапила само на две СП, и тоа во Хрватска 2011 година (10 место) и во Шведска 2011 година (17 место), што сепак говори дека Македонија е фаворит во овој бараж-дуел. Но тоа треба да се потврди и на теренот во двата натпревара.
Пред двомечот со Словачка свое размислување за она што ги очекува против Словачка искажа капитенот на македонската репрезентација, Филип Кузмановски.
– Радува тоа што голем дел од играчите се во добра форма, а најважно е дека сите сме здрави. Мора да сме максимално подготвени за двомечот со Словачка и без потценување, оти секогаш се можни изненадувања.Кратко беше времето за да се подготвиме, но ние имаме јасна цел – сакаме да извојуваме две победи и да го докажеме нашиот квалитет. Историјата покажува колку големи собири имаме во низа, а оваа генерација заслужува уште еден пласман на СП. Ќе го дадеме максимумот на гостински терен, а потоа очекувам полна сала во Скопје. Како секогаш кога играме дома, поддршката е огромна, а и заслужена со нашите настапи. Со нетрпение ги очекувам двата дуела и уште еднаш Македонија да игра на едно големо натпреварување – вели Кузмановски.
Кузмановски со коментар, за составот и играта на Словачка.
– Не сме многу добро запознаени со противникот, но го анализираме. Неколку играчи познавам. Веројатно беше изненадување тоа што ја елиминираа Украина, која видовме дека е квалитетна на нашиот тест. Нема потценување против Словачка, мора фокусот да биде присутен сите шеесет минути и со ладни глави да ја израдуваме Македонија – оптимист е капитенот на црвено-жолтите, Кузмановски.
СП во Германија ќе биде јубилејно, 30-то по ред. Новиот светски првак ќе обезбеди и учество на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес (САД) во 2028 година. Титулата од пред две години ќе ја брани репрезентацијата на Данска.




