Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, во интервју за руската државна агенција ТАСС изјави дека очекува доаѓање на рускиот претседател Владимир Путин на осветувањето на руско-српскиот храм во Бања Лука.
Според неговите изјави, градежните работи се речиси завршени и дека останува уште осликувањето на внатрешноста. „Тоа ќе го направиме заедно со нашите руски пријатели“, рече Додик. Истакна дека црквата е изградена според проект на храм кој некогаш бил дел од Кремљ, а кој го изработила Руската православна црква.
На проектот работел Директорот на Центарот за класична и традиционална архитектура при Московскиот архитектонски институт, Алексеј Капустин, а храмот е посветена на семејството на последниот руски цар Николај II. Црквата треба да стане највисок верски објект во Бања Лука.
Во истото интервју Додик го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека се обидел да купи оружје од „босанските муслимани“ во вредност од 400 милиони долари. Тој тврди дека оружје од Република Српска не завршило во Украина, но дека „босанските муслимани“ склучиле договор со украинската влада за испорака на муниција.
„Ние не дадовме согласност за тоа, а Украина веќе уплати аванс на муслиманите кои сега имаат правни проблеми бидејќи не можат да ја испорачаат нарачката“, истакна Додик.

