Целовечерен настан во паркот на МКЦ по повод 57 години од скопскиот земјотрес

По повод 57-годишнината од скопскиот земјотрес, на 26 јули, Младинскиот културен центар организира настан „МКЦ за Скопје“.

Локација е паркот на МКЦ по соодветен протокол и почитување на мерките за заштита. Бројот на посетители ќе биде ограничен, влезот е бесплатен, но со билети кои може да се набават преку bileti.mkc.mk.

Настанот почнува во 19.30 со изложба „Култните градби во Скопје“ – избор на фотографии од проектот „101 најзначајни градби во Скопје“. Изложбата ги претставува култните градби во градот Скопје, надополнета е и со видеопроекција. Во 20 часот следи промоцијата на книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов, која содржи осумдесетина микрораскази/куси записи посветени на „невидливиот“ дел на градот Скопје. Мултимедијалниот настан во сеќавање на земјотресот од 1963-та ќе продолжи во 21 часот со учество на „Импров група“ и нивната претстава „Импров настап“ – заснована на игри за импровизација, адаптирани да се играаат пред публика.

Од 22 часот во рамки на „МКЦ за Скопје“ е музичката програма и концерт на бендот „Перија“ – во кој членуваат Филис, Кате и Леа кои изведуваат музика на уд, перкусии, тамбура и кемане. По нив ќе настапи „21 век“ – бенд на Васко Атанасоски, Раде Јорданоски и Дени Крстев кои истражуваат експресивна палета на влијанија – од постпанк до македонска традиционална музика, и бендот „Ен2три“ кој за оваа пригода ќе настапи со перформнсот „5:17“.

Претходна вестПо повод 57 годишнината од скопскиот земјотрес ќе бидат прикажани два документарни филма
Следна вестУтревечер почнува фестивалот „Крај Вардарот Џез“