За седум дена, во периодот од 14 до 20 декември, во Македонија имало 159 смртни случаи од корона вирусот што е намалување за 8,6 проценти во однос претходно анализираната недела, соопшти денеска Институт за јавно здравје. Во редовната неделна анализа се наведува и тоа дека во однос на возраста, 131 лице биле над 60 години, 17 лица на возраст од 50-59 години, 8 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и три случаи од возрасната група од 30-39 години.
–Регистрирани се 4.585 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 16,9 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи и натаму се од Скопје –1.960 или 42,7 проценти. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години –1.343, а голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 години – 885, 30-39 години – 810, 40-49 години – 801 и 20-29 години – 509. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години – 59 и 10-19 години – 178, соопштува ИЈЗ.
Од случаите кои се епидемиолошки истражени – 59.893, кај 14.063 или 23,7 отсто од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето.
–Од 59.893 истражени случаи, кај регистрирани се 2.954 (5,0 отсто) случаи на заболување меѓу здравствени работници. Во однос на коморбидитети, од случаите кои се епидемиолошки истражени, кај 18.208 (30,6 отсто) лица се присутни хронична/и здравствени состојби, од кои 12.463 лица имаат кардиоваскуларна болест, 4.693 дијабет, 2.525 се со хронична белодробна болест и 3.361 со други хронични болести. Од хоспитализираните случаи, кај 4.093 (62,6 проценти) се присутни коморбидитети, наведува ИЈЗ.
Регистрирани се 2.314 смртни случаи, 1.460 смртни случаи кај лица од машки и 854 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 1.656 (71,6 проценти) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (1.278), дијабет (587) и белодробна болест (262). Регистрирани се 7 смртни случаи кај бремени жени и 21 смртни случаи кај здравствени работници. Сто четириесет и четири (6,2 отсто) од пријавените случаи починале во вонболнички услови, а 2.170 (93,8 проценти) починале за време на хоспитализација.