Уште кој треба да реагира за Царовска и МОН да подзастанат со претопувањето на предметот – Историја?

Претопувањето на училишниот предмет – историја – во општ школски предмет и натаму ја бранува јавноста. Нема ден да не се јави некој научник или врвна институција и да опоменат дека ќе се направи голема грешка ако тоа се направи.

Но, Министерството за образование и денеска излезе со нова тура на убедувања на јавноста во оправданоста на нивниот предлог за спојувањето на предметите историја со географија и граѓанско општество, и биологија со физика и хемија. Убедувањата траат со денови откако министерката Мила Царовска ги најави промените во концептот на основното образование кои веднаш наидоа на жесток отпор.

Реакциите се неподелени, без оглад од која страна да дојдоа – од самите наставници по историја, географија, од научни институти па се до највисокото академско ниво.

МАНУ, на пример, категорично побара задржување на предметот историја залагајќи се за „систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и на македонската историја“.

Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје решително го отфрла понудениот концепт и побара од надлежното министерство и Владата да го повлечат и да ги прекинат сите активности во врска со предметот Историја, укажувајки дека оние што сакаат нешто да реформираат не ја разбираат материјата што ја реформираат.

Истото го побараа и наставниците по историја од повеќе градови во Македонија. Македонско географско друштво целосно застана зад останувањето на Географија како посебен наставен предмет. Реагираат и поединци универзитетски професори, аналитичари…

Реакциите се дека не треба да се брза и дека не е воопшто добар моментот сега да се гасне предметот историја кога македонската историја е под силен надворешен, па и внатрешен удар. Реакциите се дека треба да се запре со иницијативата и плановите за промените во основното образование кои подразбираат претопување на овие наставни предмети.

Но, наместо запирање од страна на МОН се гледа упорно продолжување со убедувањата на јавноста во оправданоста на таквата намера!? Зошто тоа се прави, која е целта да се турка некаков проект кој во старт не го прифаќаат најповиканите во образованието треба да одговори министерката Царовска. Оти ова веќе не е собирањето на различните мислења и предлози кои одат во насока на спојување на повеќе предмети. Голем дел од научната јавноста застана против тоа и посоодветно би било Царовска и МОН да подзастанат и малку да подразмислат како понатаму.

Едно е да се поправат учебниците и наставата по историја како и по другите „одбрани“ предмети, а сосема друго е тие да се претопат во општи предмети, што никој не го прави во поширокото соседство. 

Претходна вестКај 27-годишник од Синѓелиќ најдени пиштоли, 4,5 килограми хероин, 1 килограм кокаин…
Следна вестРСБСП обезбеди 15 мотоцикли со комплет опрема за потребите на МВР