Home АКТУЕЛНО За пописот почна да се бара нов датум, во мај-јуни или идната година?

За пописот почна да се бара нов датум, во мај-јуни или идната година?

0
За пописот почна да се бара нов датум, во мај-јуни или идната година?

Претстојниот Попис на население кој беше предвиден за почетокот на април, можно е да биде одложен за друг термин, околу што веќе нема разлики меѓу власта и опозиција. Одлагањето на пописот е прифатливо како за шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев така и за лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Разликите меѓу нив се само во новиот термин во кој би се одржало пребројувањето на населението.

Опцијата да се одложи пописот синоќа ја отвори шефот на државата Стево Пендаровски кој изјави дека во име на компромисот меѓу власта и опозицијата може да се одложи ова статистичка операција.

-Се обидувам да направам мост меѓу двете политички опции. Тврдам дека политичката поларизација ја уназадува нашата држава повеќе од се друго. Проблем ли е да ги повикаш твоите да не прават бојкот да не затвораат врата од некаков страв, проблем ли е? Нека биде тогаш пописот да биде во мај или јуни. Да си подадеме рака. Не гледам причина зошто пописот да не се одложи за месец или два. Ако сме чекале 20 години, нема да е крај на светот ако биде во мај или јуни, но да го направиме за да нема воопшто страв кај граѓаните поради ковидот, рече Пендаровски.

Денеска, пак, премиерот Заев изјави дека пребројувањето би можело да се заврши до средината на јуни.

-На лето знаеме дека попис не се спроведува. Септември е кампања, октомври е изборен период за локалните избори. И да размислиме за месец дена, месец и пол, да завршиме некаде до средината на јуни, веќе гледам дека опозицијата тоа го одби, така што, да ја испратам пораката да бидеме одговорни и да го спроведеме пописот. Електронски попис, пак, не дава одговор на постоење на информации во базите на податоци за верска определба, за етничка определба, за податоци за нашите граѓани од дијаспората односно нерезидентни сите тие што се повеќе од една година надвор од државата, како што е вкупен број на семејството и други податоци, изјави денеска Заев.

Лидерот на опозицијата Мицкоски денеска рече дека пописот треба да биде електронски и да се одложи до пролетта следната година.

-Македонија е закована убедливо на дното или на врвот, по бројот на лицата што се инфицирани и по бројот на луѓето кои, за жал, го загубија животот поради неспособноста на власта за справување со ковид-19. Бидејќи кај нас пописот е невозможно да се случи наесен 2021 година поради локалните избори и кампањата што тогаш ќе се случува, апелираме до Владата и до Собранието на разум, да се грижат за здравјето на граѓаните и да го одложат пописот за пролета 2022 година, рече Мицкоски додавајќи дека ништо нема да промени доколку пописот биде одложен за неколку месеци.