Утре во земјава ќе пристигнат вакцините што ќе ни ги испорачува Србија кои воедно се и првите што воопшто ќе пристигнат во земјава.
Според најавата од Владата, нив ќе ги прими лично премиерот Зоран Заев од српскиот претседател Александар Вучиќ на граничниот премин „Табановце“.
Пред околу еден месец, Владата ја договори набавката на 8.000 вакцини од контингентот што Србија го набавила за свои потреби, за кои премиерот Заев рече дека ќе ги платиме по поволна цена.
Во однос на другите вакцини, Заев, одговарајќи на новинарски прашања, денеска рече дека кинеските вакцини треба да пристигнат кон средината на овој месец, за што денеска ќе се уплати сумата.
Во втората половина на февруари, преку директен договор со „Фајзер“ треба да стигне и првата пратка од 5.850 вакцини, а потоа и од системот Ковакс.