Најмалку 17 лица загинаа денеска кога филипински воен авион се урна и се запали на јужните Филипини откако ја промашил пистата при слетувањето.
Транспортниот авион Lockheed C – 130 Херцулес се урна во близина на Патикул во провинцијата Сулу, на југот на архипелагот, каде војската долго време се бореше со исламистичките фракции како Абу Сајаф и други.
-Досега се спасени 40 ранети, а пронајдени се 17 тела. Во тек е операција за спасување, рече во изјавата министерот за одбрана Делфин Лорензана, додавајќи дека во авионот имало вкупно 92 лица.
Воениот командант Сирилито Собејана изјави дека авионот кој превезувал војници ја промашил пистата при обид за слетување. Воениот портпарол Едгард Аревало изјави дека нема индиции дека станува збор за напад врз авионот, но дека истрагата за несреќата сè уште не е започната и дека сите напори се насочени кон спасување.
Снимките од местото на настанот покажуваат како пламен и густ чад се издига меѓу дрвјата, а бројни припадници на армијата се на местото на несреќата.