Удар врз македонската самобитност, признавање на бугарска теза дека Македонците се вештачка творба; правото и светата должност да се чествува Делчев како Македонец им припаѓа само на Македонците… Ова се само дел од реакциите на историчарите и на интелектуалците во Македонија на денешното заедничко македонско-бугарско чествување на јубилејот 150-годишни од раѓањето на Гоце Делчев.
Здружението на историчарите на Македонија изрази револт и загриженост.
-Ова претставува фатален удар врз македонската самобитност. Гоце Делчев бил еден од главните идеолози на македонската револуционерна борба од крајот на 19 и почетокот на 20 век, којшто документирано се борел и стремел за создавање на независна македонска држава, и не постои ниту еден единствен документ дека некогаш се залагал за обединување на Македонија кон Бугарија. Тогаш се поставува прашањето на што се должи и како се оправдува потребата од заедничко чествување на Гоце Делчев?, се наведува во обраќањето на ова Здружение.
Историчарите прашуваат дали заедничкото чествување значи дека македонската страна ги прифаќа делумно или целосно бугарските тези дека Делчев бил Бугарин кој се борел за автономија на Македонија како етапа кон нејзино обединување со Бугарија?
Дали со политичкиот чин на заедничко чествување на великанот на македонската борба за независност и самостојност, македонската страна ја признава бугарската теза дека Македонците се вештачка коминтерновска творба, се вели во реакцијата.
Од друга страна, голема група на македонски интелектуалци во отворено писмо пред некој ден порачаа дека должност да се чествува Гоце Делчев како Македонец кој се борел за автономна македонска држава во рамките на Османлиската Империја, како чекор кон создавањето независна држава на македонскиот народ, им припаѓа само на Македонците.
-Се уморивме од постојаните реакции и укажувања дека владејачката политичка структура води анационална политика, додворувајќи ѝ се на Бугарија и прифаќајќи работи кои ниту една држава во светот не би ги прифатила, а кои водат само кон сопственото разнебитување. Во тој контекст, деновиве добивме информација од бугарската страна за одлуката за „заедничко чествување на Гоце Делчев“. Од македонска страна – сѐ уште молк. Кон ова треба да се додаде и барањето за постигнување согласност и прифаќање на некаква „заедничка бугарско-македонска историја“, кое излегува надвор од научните рамки на историската методологија. Барањето за „заедничка историја“ е во спротивност со правото на самоопределување на секој народ кој има сопствена колективна меморија, која никој не може да ја избрише. Историјата и нацијата не се создаваат со декрет, се наведува во писмото.
Во него се додава дека македонскиот народ има своја долга колективна меморија, свој јазик, традиција и култура, кои произлегуваат од неговото многувековно постоење.
–Личностите и настаните што оставиле печат во меморијата на Македонците, поколенијата ги чествуваат со особена гордост, пренесувајќи им го тоа и на идните генерации. За да чествувате нешто заедно, треба да ве спојува заедничка историја и заедничка идеја. А бидејќи македонската и бугарската историја и идеја се две различни истории и две различни идеи, не може да стане збор за заедничка историја. Токму затоа, правото и светата должност да се чествува Гоце Делчев како Македонец кој се борел за автономна македонска држава во рамките на Османлиската Империја, како чекор кон создавањето независна држава на македонскиот народ, им припаѓа само на Македонците. Тоа треба секој да го почитува и да го прифати, потенцираат интелектуалците.
Во него се додава дека делегација од која било земја, па и од Бугарија, во рамките на официјалниот македонски протокол, може да дојде и да положи венец или цвеќе на гробот на Гоце Делчев, изразувајќи почит кон еден од најголемите национални јунаци, чие место е исклучително во колективната меморија на Македонците и чие име се пренесува од генерација на генерација. За такво нешто не може да стане збор во врска со бугарската колективна меморија.
–Се поставува прашањето што, во суштина, би чествувале заедно!? Бугарското чествување би било во духот на досегашните изјави како од политичките така и од научните кругови дека Гоце Делчев е Бугарин и дека се борел за реализирање на Санстефанска Бугарија, т. е. Македонија како дел од бугарската држава. Се поставува прашањето: ШТО Е ТУКА ЗАЕДНИЧКО? НИШТО! Сето тоа е дури и навредливо, бидејќи на тој начин од „домаќините“ – од нас Македонците – се бара во сопствената земја да слушнеме како Бугарија не го признава нашиот идентитет, јазикот, културата и нашата колективна меморија. Уште повеќе – тоа значи дека го прифаќаме фактот дека седумдесет години сме живеле во заблудата дека сме однародени Бугари, кои се продукт на комунистичкиот систем на поранешната Титова СФРЈ и создадени и измислени со декрет. Поголема историска и политичка перверзија од оваа не постои во светот!, се нагласува во отвореното писмо потпишано од преку 150 универзитетски професори и други интелектуалци.



