Македонија ја слави 150-годишнината од раѓањето на големиот македонски револуционер ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ. Големо и непроценливо е делото на Делчев кои е еден од најистакнатите македонски национални херои и борци за независна и слободна Македонија.
Тој е деец на Македонската револуционерна организација, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Освен тоа што бил револуционер, тој бил и голем идеолог кој во текот на своето револуционерно делување оставил силни пораки за целите и начинот на борбата за македонско ослободување и пат до самостојна држава.
Ставовите, мислите и пораките кои ги кажувал Делчев се од различни периоди на неговата дејност и искажувани се по различни поводи. Но, од нив јасно се гледа кои му се целите и за што е подготвен да го жртвува и сопствениот живот.
Издвојуваме дел од пораките кои ги кажал Делчев.
о Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население
о Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сè негово сопствено дело, на неговите сопствени раце
о Тоа е патот за ослободувањето на народите од туѓо его. По него оделе Грците, Србите, Бугарите. По тој пат треба да одиме и ние, Македонците, за да се ослободиме од Турците
о Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа…
о Македонија има свои интереси и своја политика.Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец
о Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?
о Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите
о Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и Организацијата, тоа е првиот услов за нашиот успех. Ако тоа не го направиме, Македонија ќе падне под некоја од балканските држави, или ќе биде разделена помеѓу нив
Безброј се неговите поуки и кажувања. Повеќето се актуелни и денеска, а Македонија и Македонците многу можат да научат од нив односно од учителот и револуционер ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ.



