Доколку во недела има избори, најголем број гласови би добила партијата ВМРО ДПМНЕ – 19 проценти од граѓаните. За актуелна вледачка партија СДСМ би гласале 11 отсто од оние кои ќе излезат на гласање. Ова го покажува анкетата на американскиот ИРИ којашто е спроведена во име на Центарот за анкетни истражувања од Брима, фирма за истражување на пазарот (членка на групацијата КАНТАР). Податоците се собрани од 8 април до 4 мај 2023, со метод на повеќестепен стратификуван примерок преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците. Беше анкетиран национално репрезентативен на примерокот од 1,204 испитаници, на возраст од 18 и повеќе години.
Споредено со ланската анкета на ИРИ рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е на исто ниво од 19 проценти, а на исто ниво од 11 отсто останал и рејтингот на СДСМ.
Треторангираната партија е ДУИ која доби доверба од 8 отсто од анкетираните и тоа е пораст од 1 процент во однос на ланската година. БЕСА останала со истиот рејтинг од 4 отсто, додека Левица паднала од 6 на 4 отсто.
Вкупно 16 отсто од граѓаните одговорител дека нема да гласаат, 18 отсто не се одлучени за кого ќе гласаат, додека 5 отсто одбиле да одговорат.
Во однос на прашањето „кој политичар е омилен“ најмногу граѓани – нив 6 проценти – се изјасниле за лидерот на ДУИ Али Ахмети. Потоа следуваат Никола Груевски и Христијан Мицкоски со по 5 проценти, додека Димитар Ковачевски се со 4 проценти, а Стево Пендаровски – 3 проценти. Лидерот на Беса Билал Касами има 3 отсто поддршка, додека Зијадин Села 1 процент. Вкупно 42 отсто од граѓаните не даваат поддршка никому.
Анкетата покажала дека во Македонија има зголемена поддршка за членство во ЕУ, недостиг на доверба во владеењето на правото и разлика за правецот на движење на локално и национално ниво. На прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата на земјата во Европската Унија, 79 отсто од возрасните испитаници одговориле со „да“. Ова претставува раст од шест процентни поени во однос на анкетата извршена минатиот октомври.
-Растот во поддршката за ЕУ интеграција е знак дека западните институции нудат надеж за успешна иднина. Граѓаните на Северна Македонија ја сметаат интеграцијата со демократски блок каков што е ЕУ како клучна за мир и напредок, изјави Пол Мекарти, директор на ИРИ за Европа.
Анкетата исто така покажа дека поголемиот број на граѓани немаат доверба во владеењето на правото. Само 31 отсто од испитаниците се согласиле дека законот еднакво се применува за сите граѓани на Северна Македонија, најниско ниво до сега. Шеесет и пет отсто не се согласиле со оваа изјава.
Освен ова, граѓаните се поделени во однос на насоката според која се движи нивната локална самоуправа споредено со насоката во која се движи државата. Дваесет и осум отсто од испитаниците сметаат дека нивната општина се движи во вистинската насока, додека само 14 отсто го мислат истото за земјата како целина.





