Темен режим Режим на светлина

Антикорупциска комисија: Со донациите за ДУИ е прекршен законот, на потег се ДЗР и Министерството за правда

Антикорупциската комисија до Државниот завод за ревизија и до Министерството за правда, како надлежни за надзор и следење на финансирањето политички партии, ќе го проследи предметот за незаконски донации кои ги примила ДУИ. Ваква одлука денеска донела ДКСК откако реши да го затвори предметот врзан за финансирањето на ДУИ при што е констатиран прекршок.

Шемши Салаи, член на ДКСК, на денешната 92-ра седница на Комисијата рече дека се работи за донација за Демократска унија за интеграција (ДУИ) која била поголема од тоа што го дозволува законот, а предметот, рече, го отвориле по сопствена иницијатива врз основа на новинарско прашање.

Врз основа на извештаите што ги добиле од ДЗР, констатирано е прекршување на член 16 од Законот за финансирање политички партии, затоа што физичко лице има донирано повеќе отколку што е законски дозволено. Според законот, износите на донациите се регулирани и партиите не смеат да примат повеќе од 60 просечни нето плати од правни лица и повеќе од 30 просечни плати во државава од физички лица.

Од ДУИ ги добиле бараните документи и потврда дека во меѓувреме и самите го констатирале надминатиот износ и донеле одлука средствата заедно со вирмани дека се вратени.

-Констатирале и дека од два правни субјекта добиле поголем износ и решиле да ги вратат во јули 2023, рече Салаи.

Сепак, повредата на  член  16 од Закон за финансирање политички партии е направена затоа што парите не се вратени веднаш или најдоцна од 15 дена од нивното донирање.

Членовите на ДКСК усвоија предлог да се иницира кривично гонење до ОЈО против градоначалник на една општина затоа што исплатил еднократна парична помош од општинскиот буџет,  од Програма за мерки и активности од областа на социјална заштита, за време на избори во 2018 и 2019. Се работи за исплата на 200.000 денари кон 38 физички лица, еднократни трансфери од буџетски средства. Одлуката тој  ја донел во период на избори. ДКСК укажа дека е прекршен Изборниот законик според кој од денот на донесување одлука за избори до изборот на претседател или до составување на Собранието не смее да се вршат исплати на материјални надоместоци од буџетски средства или од јавни фондови кои не се редовни месечни исплати. Тоа е содржано и во Законот за спречување корупција и судир на интереси, а за кривично дело се смета противзаконско располагање со буџетски средства за време на избори за што е предвидено затвор од  три до пет години.

 

Антикорупциската комисија на седница денеска предложи училишниот одбор во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ и министерот за образование и наука да утврдат одговорност на  директорот на училиштето, како надлежен за извршување на буџетот, поради наменска јавна набавка на концертен клавир, спроведена без технички дијалог, и за незаконско  ангажирање штимери на клавир.

Од документите е утврдено дека техничка спецификација на набавениот клавир се совпаѓа со понудата која била единствена. Тројца клавир штимери имаат исто презиме од една фамилија, а еден од нив има приватна форма преку која е извршена набавката.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Ѓоковиќ: Да не бев од Србија, одамна ќе ме креневте до небото

Следна објава

Мекгрегор повторно го навреди Волкановски, Македонецот го предизвика на борба