Разрешени се од функцијата Секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски и в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, соопшти денеска Кабинетот на скопската градоначалничка Данела Арсовска.
Во соопштението се наведува дека причината е во нивното самоволие и влијание во постапката за тендер за изградба на прочистителна станица.
-Од функцијата Секретар на град Скопје, во петокот разрешен Ѓоко Велковски, а причина за разрешувањето е неговото влијание во спорна тендерска постапка за изведба на пречистителна станица во вредност од 136 милиони евра, средства кои се обезбедени од ЕБОР и ЕИБ. Велковски, во петокот е разрешен заедно со в.д директорот на ЈП „Водовод и Канализација“ – Скопје Златко Перински поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер, се наведува во соопштението.
Од Кабинетот на Арсовска порачаа дека Градот Скопје нема да дозволи расипничко трошење на парите на скопјани, ниту финансирање на лични и теснопартиски интереси.
-Скопје е град на сите скопјани, пишува во информацијата.
Од друга страна, досегашниот секретар Ѓоко Велковски на својот Фејсбук профил објави дека сам си заминал од функцијата.
-Со оглед на тоа што на оваа позиција дојдов откако претходно бев избран за советник во општината Чаир, кое е местото каде што живеам и каде што исто така имам обврска да придонесувам барав Државната комисија за спречување на корупцијата да се изјасни за таквата ситуација. Овие денови ме известија дека ќе морам да се определам за една од тие две позиции, при што јас донесов одлука да си заминам од позицијата генерален секретар на градот Скопје и да се посветам на советничката функција каде сум избран од граѓаните на Чаир. Оваа моја одлука ја донесов и поради фактот што сум разочаран од слабиот потенцијал за работа и несоработката од градоначалничката Арсовска во реализацијата на капиталните проекти за градот Скопје. Ветувањето кон скопјани беше модерна метропола, а резултатите да бидат брзи и сигурни. По речиси една година во Градот можам да кажам дека таму има поединци и професионалци вработени во градот кои со децении придонесуваат за развој на градот и им благодарам за соработката, пожртвуваноста и нивниот придонес, наведува тој во објавата.
Велковски додаде дека ќе продолжи да придонесува за Скопје од позицијата советник во Општина Чаир.




