Арсовска: Со промена на проектот за улицата „Васко Карангелески“ ќе зачувуваме над 100 дрвја

Дрворедот на улицата „Васко Карангелески“ во Аеродром ќе биде целосно зачуван а ќе се посадат нови 30-тина дрвја, изјави денеска градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Арсовска денеска изврши увид на работата на оваа сообраќајница којашто треба да продолжи до булеварот „Трета македонска бригада“. Работите неодамна беа запрени откако имаше реакции во јавноста за сеча на околните дрвја.

-Првичниот проект на улицата предвидуваше целосно отстранување на над 100-тина дрвја за да може да се изврши реконструкцијата. Се направи промена на планот како да се зачува дрворедот и да се зголеми бројот на дрвја и на овој потег. Дрворедот пред пензионерскиот дом ќе биде целосно зачуван, над 100-тина дрвја стари 100-тина години на овој потег ќе ги зачуваме, а веќе беа пресадени 16-тина здрави дрвја заедно во соработка со Општина Аеродром, истите се веќе пресадени на потегот кај основното училиште „Љубен Лапе“, објасни Арсовска.

Таа истакна дека барањето да се отвори оваа улица и да се реконструира овој дел е на барање на голем број граѓани кои гравитираат на овој потег и голем број на јавни објекти кои се во интерес на граѓаните.

-Вредноста на улицата е 77.5 милиони денари, а рокот за изградба на улицата во должина од еден километар е 2023 година, чија реконструкција ќе биде и реализирана од страна на Градот Скопје, добиваме голема поддршка од граѓаните за реконструкција на улицата и со новата промена на проектот успеавме да направиме заштита на дрвјата, истакна Арсовска.

За градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски измената на проектот значи многу за граѓаните на Аеродром, како и дека досега за само неколку месеци се засадени над 400 нови садници за зголемување на зеленилото во општина Аеродром. Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Ангеле Сотировски посочи дека стручни лица од Градот и ЈП „Паркови и зеленило“ извршиле увид и проценка, според која само диво израснатите дрвја штетници биле отстранети.

Претходна вестОбвинителството поднесе жалба на казната за прегазувањето на Викторија кај Сити мол – премала е
Следна вестУште 142 нови заразени и 4 починати од ковид