Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски заедно со колегата од Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски извршија увид во големата и сеопфатна акција за реконструкција на пешачките патеки во Скопје.
Во моментов се работи на пешачката патека долж улицата „Ѓорче Петров”, во должина од 4 километри, простор кој секојдневно го користат илјадници граѓани, ученици, родители, повозрасни лица и велосипедисти, а претходно беше оставена во лоша состојба.
Паралелно со реконструкцијата, двајцата градоначалници најавија и зелени коридори долж улицата со нови дрвја, зеленило и уредени површини кои ќе донесат повеќе сенка, почист воздух и попријатен простор за движење.
– Скопје мора да биде град во кој пешачењето е нормален, безбеден и достоинствен дел од секојдневието – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски и додаде дека скопјани заслужуваат функционален, уреден и европски град кој ги става луѓето, нивната безбедност и нивното секојдневие на прво место.




