Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати честитка по повод Денот на наставата на турски јазик, истакнувајќи дека образованието на мајчин јазик претставува не само педагошка потреба, туку и длабока цивилизациска вредност и уставна определба.
Како што наведува, преку јазикот се пренесуваат знаењето, културната меморија и чувството на припадност, а преку училиштето тие вредности стануваат заедничко богатство на државата.
Мицкоски посочува дека наставата на турски јазик е дел од историското и општественото наследство и дека таа придонесува кон градење образовен систем заснован на почит, еднаквост и меѓусебно разбирање.
Тој нагласува дека Владата има обврска да обезбеди услови во кои секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, без разлика на мајчиниот јазик. Инвестирањето во образованието и наставата на мајчин јазик, според него, значи инвестирање во довербата, заедништвото и иднината на државата. Честитката премиерот ја објави на Фејсбук.




