Директорот на Фонд за здравствено осигурување, Сашо Клековски, соопшти дека институцијата во моментов води 11 судски спорови пред германски судови со болница во Фленсбург, поврзани со лекување пациенти во странство.
Тој објасни дека во минатото во оваа болница биле испраќани пациенти за трансплантација на матични клетки, но по прекинот на соработката останале финансиски неусогласености што довеле до правни постапки.
Според Клековски, во текот на минатата година биле реализирани околу 290 случаи на лекување во странство, за што биле издвоени приближно седум милиони евра.
Директорот на Фондот истакна дека се неопходни поголема контрола и отчетност во здравствениот систем, особено во делот на дежурствата и прекувремената работа, со цел да се спречат евентуални злоупотреби и да се обезбеди поголема транспарентност.



