Државниот испитен центар почна штрајк, поради недобивање на согласност на Барањето за изменување и дополнување на колективниот договор од страна на Министерството за финансии, а со цел заштита на економските и социјални права на своите членови.
Сите процеси кои се во надлежност на Државниот испитен центар (Државна матура, државно тестирање, обука и испит за директори, приправнички испити, меѓународно тестирање ТИМС итн.) ќе бидат запрени до добивање на согласност од Министерството за финансии.
Сите 29 вработени се членови на синдикатот и состојбата на штрајк која би траела подолго од една недела би значела невозможност да се спроведе државната матура.
Во јануари годинава ДИЦ соопшти дека матурантите ќе полагаат државна матура на 27 мај и 10 јуни, објави Државниот испитен центар (ДИЦ). На 27 мај ќе се полагаат македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература, а на 10 јуни математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика.
МОН неодамна соопшти дека годинава ќе има дополнително олеснување на полагањето државна матура во интерес на сите средношколци.





