Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе изврши вонреден инспекциски надзор во Прилепската болница по смртта на новороденчето старо десетина дена. Детето почина од сепса на Клиниката за детски болести во Скопје, каде една недела претходно во тешка состојба било донесено од прилепската болница.
Случајот го обелодени вчера мајката на бебето Лиле Петровиќ на социјалните мрежи. Таа објави дека се породила во Прилепската болница со здраво машко дете со 2.700 грама, за по една недела да ѝ кажат дека нејзиното дете се разболело и починало. Како што сведочи, нејзиното новороденче најпрви било третирано од жолтица, а во прилепската болница и рекле ќе биде пратено во Скопје и дека таму имале подобри апарати. Дента на хоспитализирање на Детската клиника, раскажа мајката, и’ кажале дека е инфекција, а по два дена испитувања дека детето фатило тешка сепса и како такво било донесено од Прилепската Болница.
-Бев префрлена во болничката соба после пораѓај, а детето беше земено за испитувања на кои ми потврдија дека сé е во ред. По неколку часа го донесоа да го видам, беше едно од бебињата кое беше највесело, веднаш почна да цица и сé се чинеше во ред. По два дена ми беше кажано дека ќе го носат на зрачење од бебешка жолтица 6 часа и после тоа дека ќе ме пуштат дома. По 6 часа јас бев спремна да си одиме, дојде сестрата и ми кажа дека бебето ќе биде зрачено уште 6 часа за да не морало да се враќаме пак тука. Вечерта детето ми беше донесено само половина час и го зедоа. Што се случуваше таа вечер ќе остане секогаш мистерија. Што правеле сестрите кои биле оставени без доктор во цел оддел. Во 5:30 наутро дошла докторката која кога видела што се случува со бебето почнала да им вика, што направиле со него. Му направила уште една кривна слика која сега ми кажува дека “Беше супер“ и дека немало никакви знаци на инфекција, пишува мајката Лиле, додавајќи дека сестрите ја информирале дека нејзиното бебе ќе мора да се испрати на Детската клиника во Скопје, со образложение дека таму имале подобри апарати.
Од Болницата во Прилеп во текот на вчерашниот ден кажаа дека бебето развило потешкотии со дишењето, медицинските лица му зеле крв за анализа, а поставена била и инфузиона, двојна антибиотска терапија, но по консултација со лекар од Клиниката за детски болести, било транспортирано во Скопје.
Од Детската клиника, пак, вчера посочија дека бебето кај нив било донесено од прилепската болница во исклучително тешка здравствена сосојба. Примено било на одделот за интензивна нега, потоа и интубирано, а откажале и бубрезите. Од тука додадоа дека според клиничките и биохемиските параметри, се работи за рана неонатална сепса, што се појавува првите четири дена и најчесто, инфекцијата настанува при самото раѓање.
Проф. д-р Аапсазија Софијанова, специјалист неонатолог денеска за „Фактор“ изјави дека хемокултурата од бебето е позитивна, тоа значи дека станува збор за инфекција, а предизвикувач е бактерија.
-Од прилепската болница е префрлено кај нас, односно на Клиникава за детски болести каде што се направени сите анализи и е постојано третирано со терапија. Кај него дојде и до откажување на бубрезите и по една недела од приемот бебето почина. Ваква рана инфекција, сепса кај новороденче настанува најчесто или поради интерхоспитални бактерии или поради инфекција која евентуално би ја имала мајката. Тоа допрва треба да се испита, вели проф. Софијанова.