Од денеска ќе се исплаќа финансиската поддршка од собраните донации на семејствата на загинатите и повредените во пожарот во Кочани преку Црвениот крст, во износ од по 150 000 денари. Заклучно со 22 март собрани се 51.822.579 денари преку Црвениот крст од каде денеска ќе ги соопштат преземаните активности и начинот на исплатата.
Според последните информации од Министерството за здравство, од околу 200 повредени во трагедијата што се случи пред една недела, во критична состојба се пет од 115 лица кои се на лекување во странство. Во македонските болници сите 55 пациенти се во стабилна и добра состојба и се планира девет да бидат испишани на почеток на неделава, откако ќе им бидат направени сите токсиколошки и психолошки испитувања. Се очекуваат информации од натамошниот тек на истрагата во која засега се осомничени 34 лица, како и од најавените инспекциски контроли во објектите од јавен карактер низ државата, за што општините ќе се координираат преку Заедницата на единиците на локалната самоуправа.
Како што соопшти вчера министерот за здравство Арбен Таравари, подготвен е протокол според кој се очекува в среда или четврток да бидат пречекани првите пет пациенти кои што се лекуваат надвор од државата.
– Протоколите ќе бидат објавени на нашата веб страна, исто така ќе бидат испратени и до Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, како и до сите други држави. Ќе имаме специјални екипи кои што ќе работат со овој протокол кои што ќе се придржуваат до информациите за состојбата на пациентите кои што треба да ги добиеме. Ќе има специјална екипа која што ќе ги прифаќа и специјални возила кои што ќе ги пречекаат и сместуваат во болниците. Првата тријажа ќе се направи во болницата од каде што е пуштен пациентот, па ќе бидат хоспитализирани во болници каде што треба. Доколку нема потреба ќе се пуштаат на домашно лекување, изјави вчера Таравари. Во оваа фаза постои ризик од развивање на инфекции и за тоа состојбата на пациентите може да флуктуира. – Одредени пациенти веќе добиваат антибиотици за да се превенираат тие инфекции, така што се надевам и тие што ќе пристигнат, веќе зборувавме за стерилизирање на автомобилите со кои што ќе дојдат, како и собите каде што ќе се третираат,се надеваме на што помалку компликации и подобро здравје на сите тие што ќе се вратат во државата, рече Таравари.
Со истрагата за пожарот досега се опфатени 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани. Во првата фаза во постапувањето на МВР и Обвинителството, поднесени се две кривични пријави против 34 физички и три правни лица, за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено и за „примање поткуп“ по член 357 од КЗ. По 30-девниот притвор за седумте полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани, како што информираа завчера од Основниот суд Кочани таква мерка е определена за сите 24 лица за кои имаше барање од Основното Јавно обвинителство. Меѓу 24. лица за кои е одреден притвор се и тројцата градоначалници на Кочани и тоа градоначалникот во оставка Љупчо Папазов, како и поранешните Ратко Димитровски и Николчо Илијев, поранешниот министер за економија Крешник Бекштеши.





