Приближно половина од населението во украинската престолнина Киев денеска се соочи со прекин на електроснабдувањето, откако Русија изврши нов бран напади врз клучни енергетски објекти, соопшти украинското Министерство за енергетика.
Според информациите објавени на официјалниот канал на Министерството на Телеграм, состојбата во Киев е оценета како една од најкритичните во земјата, при што околу 50 проценти од потрошувачите моментално се без електрична енергија.
Руските сили во изминатиот период значително ја интензивираа кампањата против украинската енергетска инфраструктура, при што цел на нападите се гасни постројки, електрани и системи за пренос на струја. Иако Украина располага со три активни нуклеарни електрани кои обезбедуваат повеќе од половина од вкупното производство на електрична енергија, нивната ефикасност е намалена поради оштетувања на далекуводите.
Како последица на сериозните штети, националниот оператор „Укренерго“ воведе рестриктивни мерки, поради кои бројни региони останаа без струја, греење и топла вода. Во текот на изминатата седмица, жителите на Киев и околината имале електрична енергија во просек околу десет часа дневно.





